Градските власти во Москва одбија да дадат дозвола за организирање на „Марш на милионите“, што опозицијата го планира за 15-ти септември.
Како причина за одбивањето, властите ги наведуваат административни прекршоци на еден од опозиционерите и поднесувачи на молбата за организирање на собирот, Сергеј Давидис.
Опозицијата планира да организира марш од плоштадот Тверско знаме до Боровичкиот плоштад, во центарот на Москва, а на крајот од маршутата да организира митинг, на кој се очекуваат 50.000 луѓе.
Овој „Марш на милионите“ на 15-ти септември ќе биде трет по ред.
На првиот марш, организиран точно пред инаугурацијата на Владимир Путин за претседател, се собраа неколку десетици илјади луѓе. Имаше дозвола од властите, но заврши со судир меѓу полицијата и учесниците на маршот.