Рускиот претседател Владимир Путин ги демантираше тврдењата дека Русија се договорила со Куба за повторно отворање на некогашната советска шпионска база, во близината на Хавана.
– Русија може да обезбедува задоволување на своите одбранбени потреби и без оваа компонента, изјави претседателот Путин, мислејќи притоа на базата на овој Карибски остров.
Базата Лурдес беше безмалку 35 години користена од воените сили и од разузнавачките служби на поранешниот Советски Сојуз за шпионирање на САД, во времето на Студената војна. Таа беше отворена во 1967 година, само пет годни по „ракетната криза“ во октомври 1962 година, кога САД извршија поморска блокада на Куба, откако беше откриено дека СССР има поставено ракетни рампи на островот, што во Вашингтон беше означено како закана за американската безбедност.
Во времето додека базата беше користена, таму работеа околу три илјади луѓе, а Советскиот Сојуз на Куба и плаќаше годишен закуп од 200 милиони долари.
Големите радари и другата опрема обезбедуваше прислушување на САД, на сите комуникации на американаката територија и ја обезбедуваше тајната комуникација меѓу советските бродови. Веста за обновата на базата, прв ја објави московскиот весник „Комерсант“ кој тврдеше дека двете земји се согласиле да се отвори оваа шпионска инсталација, која беше затворена во 2001 година.
Затворањето на базата пред 13 години, официјална Москва, го објаснуваше со високите трошоци за нејзниното одржување. Руски безбедносни извори, сепак, велат дека не треба да му се верува на демантот на Путин, инсистирајќи дека за базата станало збор за време на минатонеделната посета на рускиот претседател на Хавана.
Истите овие извори тврдат дека Русија и Куба веќе имаат изработено рамковен договор за повторното активирање на Лурдес.