Могерини: Гласањето во Доњецк и Лугањск е нелегално и нелегитимно

Од:

Новата Висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, својот прв работен ден како наследничка на Кетрин Ештон го започна рано утринава, со врелиот костен наречен Украина како тема.

По вчерашните претседателски и парламентарни избори во областа Донбас во источна Украина, Могерини излезе со изјава дека, Унијата не ги признава, јави дописникот на МИА од Брисел.

– Сметам дека „претседателските и парламентарните избори” во самопрогласените „народни републики“ на Доњецк и Лугањск се нова пречка на патот кон мирот во Украина. Гласањето е нелегално и нелегитимно и Европската унија нема да го признае истото. Овие “избори” се одржаа спротивно на текстот и духот на Протоколот од Минск, потпишан од страна на претставниците на трилатералната контакт-група и истите ги попречуваат напорите да се најде одржливо политичко решение за кризата – истакна Могерини.

Според Италијанката на чело на европската дипломатија, предвремените локални избори во согласност со украинските закон, како што е предвидено во Минск Протокол, единствено се легални и легитимни за обновување на демократски мандат на локалните власти во овие делови на Украина. Притоа, таа ги повикува сите страни да работат на одржување такви избори.

Стремежот за мир не може да биде само политичка изјава, таа бара политичка волја и добра волја, посочи Могерини, која изрази надеж дека сите страни ќе ја потврдат својата посветеност кон Протоколот од Минск и ќе дејствуваат кохерентно, со цел истиот целосно да се имплементира во сите негови делови.

– Европската унија е посветена на поддршка на овие напори и ќе продолжи да работи кон решавање на кризата во Украина. Ги повикувам сите страни да постапуваат кон целосно почитување на територијалниот интегритет, суверенитет, независност и единство на земјата – порача Могерини.

Би можело да ве интересира

Зеленски го претстави победничкиот план, има пет точки

Серија воздушни напади врз Киев

Тарнер: Украина има право да пука во цели во Русија

Русија: Евакуиравме над 30.000 луѓе од пограничните области со Украина

Русија: Околу 112.000 луѓе евакуирани од украинскиот упад во областа Курск

(ВИДЕО) ХУР: Уништен е стратешки руски воен авион