Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел го осуди нападот врз холандскиот новинар Питер Р. де Врис, кој се бори за живот по обидот за негово убиство во центарот на Амстердам.
– Тоа е злосторство против новинарството и напад врз нашите вредности на демократијата и владеењето на правото. Ние ќе продолжиме безмилосно да ја браниме слободата на говорот, напиша Мишел на Твитер.
Познатиот холандски новинар од рубриката Црна хроника се наоѓа во критична состојба откако во него беше пукано синоќа од огнено оружје во центарот на Амстердам.
Нападот се случи само неколку минути откако 64-годишниот Де Врис ја напуштил зградата на РТЛ каде учествувал во популарното телевизиско шоу „Булевар РТЛ“.
Полицијата потврди дека се приведени три лица осомничени за нападот.
Де Врис се стекна со слава уште во раните 80-ти години на минатиот век кога известуваше за киднапирањето на магнатот Фреди Хајнекен.