Минск: Илјадници граѓани протестираат по смртта на активист, наводно убиен од властите

Од:

Илјадници лица се собраа денеска во Минск да му оддадат почит на 31-годишниот Раман Бандаренко, кој, како што велат активисти, бил претепан од маскирани припадници на белоруските безбедносни сили.

Сведоци велат дека мажи во цивилна облека го киднапирале Раман Бандаренко на 11 ноември по расправија на плоштадот каде дошле да ги отстранат црвено-белите ленти, симболи на опозициското протестно движење против претседателот Александар Лукашенко, пренесува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека имало тепачка, а кога пристигнала полицијата повикала брза помош за да го однесе повредениот Бандаренко во болница.

Повеќе од еден час подоцна, Бандаренко бил примен во службата за Итна помош со тешки повреди на главата, а почина на 12 ноември. Покрената е истрага за инцидентот.

Смртта на Бандаренко предизвика гнев во Белорусија и во странство.

Европската унија го осуди насилството.

– Ова е нечуен и срамен резултат на постапките на белоруските власти, кои не само што директно и насилно го потиснаа сопственото население, туку и создадоа средина во која може да се случат вакви незаконски, насилни дејства, рече Питер Стано, портпарол на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.

Стано ја обвини Владата на Лукашенко дека „ги игнорира не само основните права и слободи на белорускиот народ, туку и ги занемарува нивните животи“.

Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Кристофер Бургер, го нарече инцидентот „застрашувачки“ и рече дека „размерот на државно насилство и репресија во Белорусија е шокантен“.

Руперт Колвил, портпарол на Високиот комесаријат на ООН за човекови права, исто така изрази загриженост дека „белоруската влада продолжува да ја користи државната машинерија за кршење на човековите права“.

Лидерот на опозицијата Светлана Тихановскаја, која го предизвика Лукашенко на претседателските избори во август и го освои второто место на гласањето, го нарече Бандаренко „херој“ и „невина жртва на нехуманиот систем“.

– Човекот беше убиен затоа што сакаше да живее во слободна земја, изјави денеска во видео-изјава Тихновскаја, која во моментов е во егзил во Литванија.

Во денешното интервју за државните медиуми, Лукашенко изрази сочувство до родителите на Бандаренко и рече дека на шефот на Истражниот комитет му рекол дека смртта треба „искрено и објективно“ да се испита.

Би можело да ве интересира

Лукашенко: Нема да има бездомници и паразити

Минск собори два руски беспилотни летала над територијата на Белорусија

Вооружените сили на Белорусија преместуваат тенкови до границата со Украина

Горан Наумовски

Белорусија осуди Германец на смрт

ЕУ воведе нови рестриктивни мерки против Белорусија

Алејник: Украина се обидува да пренесе оружје на територијата на Белорусија за напад