Министрите на новата преодна Влада, формирана откако војската на 3 јули го собори од власт египетскиот претседател Мохамед Морси, денеска положија заклетва.
На чело на Владата се наоѓа економистот Хазем ел Беблави. Неговиот прв заменик и министер за одбрана е генералот Абдел Фатах ел Сиси, кој и досега беше на чело на Министерството за одбрана.
И Мохамед Ибрахим, кого за министер за внатрешни работи го именуваше Морси, исто така ќе остане на функцијата.
Министер за надворешни работи ќе биде Набил Фахми, кој беше амбасадор на Египет во САД од 1999 до 2008 година.
Министер за трговија и индустрија ќе биде либералниот политичар и христијанин Мунир Факри Абдел Нур.
Исламистичкото движење „Муслиманско братство“, од чии редови е поранешниот претседател Морси, соопшти дека смета оти новоизбраниот кабинет е нелегитимен.