Министрите за внатрешни работи на ЕУ се сретнаа денеска во Рига за да ја дефинираат антитерористичката стратегија против радикалните исламисти, неколку седмици по терористичките напади во Париз, во кои се убиени 17 лица.
Министрите препорачуваат построга контрола врз граѓаните на ЕУ кои ја напуштаат и влегуваат во Шенген зоната, регистрирање авионски патници за да се спречи движење на осомничени исламистички борци, и нови мерки на кибер безбедност насочени кон пресретнување на осомничените патници.
– Најпрво мора да ги зајакнеме постоечките средства, од кои веќе имаме многу важни, а сега е моментот да ги унапредиме, рече комесарот на ЕУ за миграции Димитрис Аврамопулос.
Тука спаѓа и новиот договор со „клучните актери на интернетската индустрија да се разговара за предизвиците кои ги поставува терористичката пропаганда на Интернет, додаде тој.
– Клучно е државите-членки и натаму да работат на национално ниво на сузбивање на незаконските он лајн содржини, борбата против радикализирање на младите муслимани и спречување на нивно регрутирање од страна на џихадистите, укажа Аврамопулос.
– Директивата за регистрирање на имињата на патниците во ЕУ е неопходна. Потребно е значајно да се зајакне безбедноста на сите луѓе кои живеат во Европа, заклучи Аврамопулос.
Во заедничното соопштение на 28-те министри за внатрешни работи на ЕУ се наведува дека ЕК мора да ја претстави својата стратегија најдоцна до средината на април, за да Стратегијата за внатрешна безбедност на ЕУ да ја обнови до средината на 2015.