Австрискиот министер за правда Волфганг Брандштетер денеска положи заклетва пред претседателот на Австрија, Александар ван дер Белен, со што ја презеде должноста заменик-канцелар.
Измената на функцијата уследи откако досегашниот заменик-канцелар, министер за земјоделство и лидер на Австриската народната партија (ОВП), Рајнхолд Митерленер минатата недела поднесе оставка на сите политички функции.
Неговата должност како лидер на ОВП ја презеде шефот на австриската дипломатија Себестијан Курц, кој и покрај инсистирањата на коалицискиот партнер – Социјалдемократската партија на Австрија (СПО), одби да ја преземе должноста заменик-канцелар.
На денешна церемонија заклетва положи и новиот министер за земјоделство Харалд Марер, кој е еден од најблиските соработници на Курц, по што ја презеде новата должност.
Во неговиот говор по положувањето на заклетвата Ван дер Белен на Брандштетер и на Марер им укажа на одговорноста што ја имаат во Владата.
Тој истакна дека, еден ден откако е постигнат договор за датумот за одржување на предвремени парламентарни избори во Австрија, до одредена мера го разбира тоа што на коалициските партнери не им е едноставно до изборите да ја продолжат работата како ништо да не се случило.
Меѓутоа, тој нагласи дека граѓаните со право очекуваат Владата до изборите да си ги исполни своите обврски.
Ван дер Белен од сите партии побара сериозно сфаќање на одговорноста и посебно потенцираше дека мора да се земе предвид угледот на Австрија во Европа и во светот.
Новиот заменик-канцелар наведе дека себеси се доживува како некој вид на посредник меѓу „фронтовите“ и дека неговата главна задача е да се спречи хаос и да се спроведат важните проекти.