Германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека за време на претседателството со ЕУ, од 1 јули, Берлин сака повторно да ја направи „заедничка Европа“ силна.
Во неделната видео-порака, Меркел истакна дека надминувањето на пандемијата на коронавирусот и нејзините последици е клучна задача на германското претседателство.
Таа посочи дека мотото на претседавањето е „Европа повторно да ја направиме силна“ и дека, како што истакна, ќе работи на тоа со сите сили.
Според неа, пандемијата не само што однесе стотици илјади животи во Европа, туку и ограничи клучни европски достигнувања, како што се слободата на движење и отворените граници.
Меркел најави дека со сите сили ќе го поддржи претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во напорите да постигне договор за нов буџет и мерки за обнова, што е можно поскоро, за да може европската економија повторно да расте и да се зачува социјалното единство.
Таа рече дека е свесна за големите очекувања од германското претседателство со ЕУ.
– Сакаме да ги оправдаме овие очекувања со тоа што ќе се залагаме сите заедно добро да излеземе од кризата и сите во Европа да се подготвиме за иднината, рече Меркел.
Таа наведе дека има три клучни предизвици со кои се соочува ЕУ.
– Првиот е да се постигне „климатска неутралност “со цел да се забават климатските промени. Втората цел е дигиталниот суверенитет, бидејќи последните денови и седмици покажаа колку е корисна дигитализацијата во нашите секојдневни животи и колку е зависна Европа во оваа област. Трето – Европа мора да биде поефикасна однадвор, со цел да се бранат европските вредности и интереси во светот, појасни Меркел.
Таа уште еднаш потсети дека е неопходно да се почитуваат мерките за борба против натамошно ширење на коронавирусот – физичка дистанца, носење маска и миење на рацете – и побара да се користи апликацијата за предупредување.
– Секој поединец има одговорност. Сфатете го ова сериозно, бидејќи тоа е сериозно. Опасноста од вирусот сè уште е сериозна, истакна Меркел.