Украина би можела да стане придружена членка на ЕУ, а земјите од Западен Балкан набљудувачи

Од:

Германскиот канцелар Фридрих Мерц предложи Украина да добие директна улога во структурите на Европската Унија како привремен чекор кон полноправно членство во ЕУ, што, според него, би можело да помогне во постигнувањето договор за прекин на војната предизвикана од руската инвазија.

Во писмо до лидерите на ЕУ, кое го виде Ројтерс, Мерц предложи Украина да добие нов статус на придружен член, што би им овозможило на украинските претставници да учествуваат на самитите на ЕУ и министерските состаноци, но без право на глас.

„Немаме време за понатамошни одложувања“, напиша Фридрих Мерц во писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и кипарскиот лидер Никос Христодулидес, додавајќи:

„Сега е време храбро да се продолжи со интеграцијата на Украина во ЕУ преку иновативни решенија како непосредни чекори напред“.

Мерц ги дискутираше своите идеи со украинскиот претседател и европските лидери за време на неформалниот самит на Кипар во април.

„Мојата цел би била наскоро да постигнеме договор“, напиша Мерц, нагласувајќи дека ова нема да биде само олеснето членство.

Новиот модел би ѝ овозможил на Украина позиција на европски комесар без ресор и право на глас, придружни претставници во Европскиот парламент без право на глас, како и право да се обраќа на важни состаноци, додека земјата паралелно би го продолжила својот пат кон полноправно членство преку спроведување на домашни реформи во областите на владеењето на правото и правата на малцинствата.

Според германскиот план, земји како Молдавија и земјите од Западен Балкан нема да добијат статус на придружни членки, туку понизок статус на набљудувачи во институциите на ЕУ.

„Можеме да замислиме редовни заеднички седници на Европската комисија или Европскиот парламент, со учество на претставници на земјите од Западен Балкан“, рече еден германски функционер.

Овие земји би имале и поголем пристап до програмите и секторите на ЕУ на единствениот пазар, како што напредуваат во домашните реформи, како дел од процесот на постепена интеграција.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Запирање на јазичната дискриминација и на русофобијата, еден од клучните услови за мир во Украина

Катерина Ѓуровски

Зеленски преку Абрамович му испратил порака на Путин дека е подготвен за средба

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Украинските сили вратија повеќе од 250 квадратни километри во мај

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Украинците погодија магацин за нафта во Крим

Русија се соочува со воен, економски и стратешки неуспех, порача Макрон пред средбата со Зеленски, Стармер и Мерц

Катерина Ѓуровски

Мерц ѝ порача на Србија: Мора да одлучите на која страна сакате да бидете

А1он