Претседателот на САД Доналд Трамп и британскиот премиер Тереза Меј се сретнаа во Белата куќа со цел да ги обноват, како што рече Трамп „специјалните односи“ меѓу двете нации.
Американскиот претседател повторно ја поздрави одлуката на Велика Британија за излез од ЕУ.
– Слободна и независна Велика Британија е „благослов за светот“, истакна Трамп на заедничката прес-конференција, по завршувањето на состанокот со британскиот премиер Тереза Меј, првиот странски лидер со кој се состана по инаугурацијата.
Трамп нагласи дека, како бизнисмен, со Европа „многу тешко соработувал“ и дека има „многу лошо искуство“, додека со Велика Британија „непречено соработувал“ и дека затоа смета оти излегувањето на земјата од ЕУ ќе биде „фантастична работа за Велика Британија“.
Меј и Трамп порачаа дека ќе работат на зајакнувањето на американско-британските трговски односи, а британскиот премиер изрази надеж дека во скоро време ќе биде постигнат трговски договор со Вашингтон, со што ќе се намалат ефектите од Брегзитот.
За време на заедничката прес-конференција во Белата куќа Меј рече дека од името на кралицата го поканила Трамп во посета во Лондон оваа година, објави „Гардијан“. Таа рече дека Трамп ја прифатил поканата.
Британскиот премиер исто така, нагласи дека Трамп за време на разговорот со неа изразил 100-отстотна поддршка за НАТО.
Меј наведе дека, тие разговарале и за зајакнувањето на заедничката борба против Исламската држава, особено во сајбер-просторот.
Тие се осврнале и на санкциите против Русија, при што Трамп потенцирал оти е прерано да се зборува за можноста за укинување на санкциите, додека Меј оценила дека истите треба да останат во сила се додека не се испочитува Минскиот договор.
Трамп изрази надеж дека ќе има „фантастични односи“ со рускиот претседател Владимир Путин, но напомена оти постои можност и тоа да не биде така.
За време на прес-конференцијата Меј го поздрави Трамп за големата изборна победа.