Руско-кинеските односи се на многу високо ниво оцени рускиот премиер Дмитриј Медведев на средбата со кинескиот колега Ван Џиабао, пренесоа руските медиуми.
-Сакам да забележам дека нашите односи, руско-кинеските односи, се во најдобра состојба во нивната повеќевековна историја, рече Медведев.
Средбата на ниво на премиери е добра форма за оценување на резултатите и разгледување на плановите за соработка, забележа рускиот премиер.
-Годинава едноставно беше многу сложена за светската економија. Затоа е уште порадосно што нашите земји ја зачуваа позитивната динамика на билатералната стокова размена, па очекуваме на крајот на годината обемот на трговски зделки да достигне 90 милијарди долари, посочи Медведев.
Медведев подвлече дека сферата на инвестиции бара зголемено внимание и потсети на неодамнешното приклучување на Русија кон Светската трговска организација (СТО), забележувајќи дека во овие услови соработката меѓу Русија и Кина придобива нова смисла.
Ван Џиабао, пак, го потенцира засилувањето на взаемната активност меѓу Москва и Пекинг во различни сфери.
-Забележливо е дека нашата денешна средба е последна во мандатот на сегашната кинеска влада и во исто време е првата по Вашето назначување за премиер на руската влада, му рече Ван на рускиот гостин.
На средбата на премиерите беше потпишан протокол за соработка во изградбата на Третиот и Четвртиот блок на кинеската Тјанванска АЕЦ.