Рускиот премиер Дмитриј Медведев изјави дека е подготвен еден ден да се врати во Кремљ како претседател на Русија.
„Ако имам доволно сила и здравје и ако луѓето ми ја укажат довербата, не ја исклучувам можноста работите да тргнат во тој правец“, изјави Медведев во интервју за францускиот дневен весник Фигаро.
Одговарајќи на прашањето, кој во таква ситуација би бил премиер, тој рече дека тогаш околностите ќе бидат во целост поинакви.
Дмитриј Медведев стана претседател на Русија во 2008-та година, по два последователни претседателски мандати на Владимир Путин, кој немаше право по трет пат последователно да се кандидира за претседател.
Путин оваа година ги доби претседателските избори и за премиер го постави Медведев.
„Ако постои некој со кој е лесно да се работи, откако од претседателското место сте дошле на премиерското, тоа е Владимир Путин. Не би бил премиер на некој друг“, рече Медведев.