Претседателот на автономниот курдски регион во Ирак, Масуд Барзани денеска најави дека се повлекува од функцијата, поради последиците од контроверзниот референдум за независност на Ирачки Курдистан.
– По 1 ноември, јас веќе нема да ги извршувам моите функции и одбивам продолжување на мојот мандат, се вели во писмо на 71-годишниот Барзани. прочитано во Парламентот на Ирачки Курдситан во Ербил.
Барзани, кој е архитектот на гласањето за независност на 25 септември, вели дека „промена на закононите за претседателот Курдистан или продолжување на претседателскиот мандат не е прифатливо“.
По референдумот, ирачките владини сили ги потиснаа курдските борци од спорни територии богати со нафта.
– Го молам Парламентот да се состане за да го пополни слободното место, да ја исполни мисијата и да ги преземе овластувањата на претседателот на Курдистан, се додава во писмото.
Барзани нагласува дека „ќе остане пешмерга (курдски борец) во редовите на народот на Курдистан и ќе продолжи да ги брани постигнувањата на народот на Курдистан”.
Парламентарната седница се одржа денеска зад затворени врати поради „чувствителноста на прашања” за кои ќе се дискутира, соопшти Парламентот.