Експлозии го потресоа главниот град на Украина Киев и другите градови, додека соседна Полска рано утринава ги активира своите воздухопловни сили откако двете земји соопштија дека е во тек моќен руски ракетен напад.
„Поради масовниот напад на Руската Федерација со крстосувачки ракети, балистички ракети и беспилотни летала на објекти лоцирани, меѓу другото, во западна Украина, полските и сојузничките авиони почнаа да оперираат во нашиот воздушен простор“, соопшти оперативната воена команда на Полска.
Соопштено е дека „се активирани сите расположливи сили и ресурси со кои располага, подигнати се борбените авиони, а на највисоко ниво на готовност се копнените системи за воздушна одбрана и радарско извидување“.
Рускиот ракетен напад беше насочен кон енергетската инфраструктура ширум Украина, објави министерот за енергетика Герман Галушченко.
„Во тек е уште еден масовен напад врз електроенергетскиот систем“, напиша Галушченко на Телеграм.
Експлозии се слушнале во југоисточниот украински град Запорожје и црноморското пристаниште Одеса, изјавија очевидци на Ројтерс, а украинските воздухопловни сили издадоа предупредување за воздушен напад низ целата земја.
Воздухопловните сили ги повикаа жителите да се засолнат и рекоа дека голем број проектили, вклучително и различни типови крстаречки ракети, летаат низ украинскиот воздушен простор.
Украинските власти соопштија дека ја исклучиле струјата во голем број региони, вклучувајќи го и Киев, како превентивен чекор.
Ракетниот напад уследи по ноќен напад со беспилотно летало врз главниот град на Украина. Покривот на станбена зграда се запалил поради паѓање шут, а најмалку едно лице е повредено, објавија градските власти на Телеграм.
„Итна помош е испратена на местото на настанот“, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко.
Украина со недели е во состојба на готовност, стравувајќи од голем руски ракетен напад на почетокот на зимата.
Претходните напади беа насочени кон електричната мрежа и предизвикаа широко распространети прекини.