Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска го предупреди Израел дека планот за анексирање на делови од Западниот Брег ќе претставува кршење на меѓународното право, но одби да каже како ќе одговорат Германија и Европа.
Мас пристигна во Ерусалим, негова прва посета надвор од Европа од почетокот на пандемијата, во период кога за неколку недели Израел планира да воспостави свој суверенитет врз еврејските населби на Западниот Брег, во согласност со контроверзниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот исток.
На прес-конференцијата по средбата со израелскиот колега Габи Ашкензи, тој изјави дека Германија и Европската унија тежнеат кон дијалог со Израел, но дека ЕУ смета дека анексијата е неспоива со меѓународното право и оти целта на неговата посета е да дознае повеќе за плановите на израелската Влада. Мас, исто така, рече дека не верува во „водење политика со закани“.
Пред посетата на Еруслами Мас истакна дека за Германија, едностраното цртање мапи на Блискиот исток ќе ги уништи надежите за основање палестинска држава и постигнување решение за израелско-палестинскиот судир по моделот две држави.
– Германија е посветена на тоа дека со преговори ќе се стаса до решение (по моделот ) две држави. Ние, исто така, ќе разговараме за тоа и ќе посочиме дека сме подготвени да ги поддржиме сите иницијативи за заживување на израелско-палестинските разговори, рече Мас пред да замине за Ерусалим.
Германија од јули ќе претседава со Советот на Европската унија и Советот за безбедност на ООН.
Инаку, Мас денеска ќе има средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Бени Ганц, а потоа ќе отпатува во соседен Јордан на состаноци со својот јордански колега и телефонска конференција со палестинските водачи, кои претходно целосно го отфрлија планот на Трамп.
Планот на САД предвидува дека една третина од Западниот Брег, која е под постојана израелска контрола од 1967 година, да остане на Израел, а Палестинците да добијат проширена автономија во остатокот од таа територија.
Меѓутоа Палестинците се обидуваат да основаат своја држава на целиот Западен Брег, што би го вклучувало и Појасот Газа, а Источен Ерусалим би бил главен град.