Шпанскиот премиер Мариано Рахој изјави во Мадрид дека нема да се дозволи организирање референдум во Каталонија, затоа што тој е нелегален, бидејќи едно такво гласање е во спротивност со Уставот.
– Никому и ништо нема да се допушти, за да се расцепи Шпанија, порача Рахој, по вонредната седница на шпанската влада, на која е расправано за најавата од Барселона, за спроведување референдум за независност на овој шпански регион.
Каталонскиот регионален претседател, Артур Мас во сабота потпиша декрет со кој определи референдумот за отцепување на Каталонија, да се оддржи на 9 ноември годинава.
Владата во Мадрид побара толкување од Уставниот суд на Шпанија,кој веднаш го суспендира декретот на Мас.
Судот објасни дека пред да се донесе конечната одлука, каталонскиот претседател и локалната влада ќе треба да изнесат детални аргументи за легалноста на едно вакво изјаснување.
Реакцијата на Уставниот суд за суспензија на ноемврискиот референдум, уследи по барање на шпанската Влада.
Стотина илјади Каталонци демонстрираа во Барцелона против ваквото решение, инсистирајќи дека тие имаат право да гласаат за иднината на својата земја.
Незадоволни од ставот на Владата во Мадрид, против било какво доделување повеќе права и овластувања за Каталонија, локалната, регионална власт се определи за „шкотскиот модел“ и за гласање за независност, па многу Каталонци на протестот носеа шкотски знамиња.
Каталонија има 7,5 милиони жители,што претставува 16 отсто од вкупното население на Шпанија. Таа е една од најбогатите и најиндустријализираните шпански региони, во кој сепаратизмот и желбата за целосно осамостојување, се најсилно изразени.
На 19 септември, регионалниот Парламент на Каталонија со големо мнозинство гласови му даде овластувања на претседателот Мас да распише референдум, што во регионот се означува како „консултација“.
Според анкетата на шпанскиот весник „Ел Паис“ 45 отсто од Каталонците се согласуваат со суспендирање на референдумот ако Уставниот суд оцени дека тој е незаконски. Само 23 отсто од луѓето инсистираат тој сепак да се оддржи, без разлика на одлуката на судот.
Артур Мас кој е предвидник на каталонските сепаратисти, до 2007 година не заговараше отцепување на Каталонија од Шпанија, туку инсистираше само на „ревитализација на каталонскиот национализам“