„Малата Амал“, анимирана кукла висока 3,5 метри, која претставува деветгодишна бегалка од Сирија, беше пречекана од Советот на Европа, на последната станица од нејзиното патување долго 8.000 километри низ континентот. Целта на куклата е да ја подигне јавната свест за ситуацијата на децата бегалци, јави дописникот на МИА од Стразбур.
„Маршот“ е епското патување на Амал од сириската граница до Обединетото Кралство во потрага по нејзината мајка, попатно посетувајќи градови и села. Организаторите настанот го опишаа како „патувачки фестивал на уметност и надеж во поддршка на бегалците“. Амал на арапски значи „надеж“.
Таа беше пречекана од ученици од градот на последниот ден од есенската пленарна сесија на Собранието, пред да се упати кон зградата на Советот на Европа, каде што беше пречекана од претседателот на ПССЕ, Рик Даемс и генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, како и парламентарци од цела Европа, меѓу кои и вицепремиерот на Владата на Северна Македонија, Никола Димитров.
– Како парламентарци, јас и моите колеги имаме должност да ги заштитиме најранливите и децата како вас. Во нашето Собрание и во Советот на Европа, ние се обидуваме да внесеме надеж таму каде што има страв и да се најдат решенија за проблемите што предизвикуваат страв на прво место, рече претседателот на ПССЕ, Даемс.
Генералниот секретар на Советот на Европа рече дека „Амал и ние се обидуваме да ги направиме работите подобри за младите луѓе“.
– Имате права – како и сите во Европа – и ние сме решени да обезбедиме децата во ваша ситуација да имаат корист од нив, рече Пејчиновиќ Буриќ.
Димитров, пак, истакна дека е „трогателно на еден многу впечатлив начин да се илустрира една од најголемите трагедии на нашата цивилизација – тие што мораат да си одат од дома поради војна, посебно децата“.
– Ми беше чест што бев дел од еден ваков настан, каде што 47 нации – земјите членки на Советот на Европа, на некој начин даваат заложба дека ќе помагаат за вакви судбини, нагласи Димитров.
На Амал и беше понудено европско знаме како подарок, за да го симболизира приближувањето на народите за време на нејзиниот марш. Таа, исто така, доби копија од Европската конвенција за човекови права, во која се содржани правата што ќе ја заштитат за време на нејзиното патешествие. Од своја страна, таа на високите политички претставници им понуди две нејзини песни, едната на тема животна средина, другата желба за мир за идните генерации.
Куклата „Малата Амал“ и „Маршот“ се заеднички проект на познатата јужноафриканска куклена куќа „Хандспринг“ и театарот „Добра шанса“, кој работи со бегалци од 2015 година.