Пакистанската активистка, која што се бори за правото на образование на девојчињата, Малала Јусуфзаи ги отфрли наводите дека стана марионета на Запад.
Малала (16) во интервју за „BBC“ изјави дека се уште ја има поддршката од луѓето во својата држава и повтори дека сака да се вклучи во политиката во Пакистан.
-Мојот татко вели дека образованието не му припаѓа на Исток, ниту на Запад. Образованието е образование, на него секој има право-одговори таа на прашањето бидејќи одредени лица велат дека таа стана „марионета на Запад“.
-Пакистанците ми даваат поддршка и поткрепа да продолжам да се залагам за образованието за девојчињата-нагласи Малала.
Таа минатата година јавно зборуваше против Талибанците, по што замина во Британија, каде што продолжи со образованието.
Минатата недела ја доби престижната награда Сахаров за човекови права, а беше примена и во Белата куќа каде што разговараше со американскиот претседател Барак Обама.
Елена Георгиевска