Малала Јусафзаи (17), активистка од Пакистан и индискиот активист за права на децата Кајлаш Сатијарти се овогодинешните добитници на Нобеловата награда за мир, објави Нобеловиот комитет.
Јусафзаи јавно се противеше на забраната на образование за девојчињата, по што пакистанските талибанци ја нападнаа во 2012 година, а откако беше ранета во главата беше префрлена на лекување во Велика Британија.
Во меѓувреме стана симбол на отпорот во борбата против бунтовниците во племенското подрачје Паштун, во северозападниот дел на Пакистан.
Таа претходно ја доби и наградата на Европската унија за човекови права.
Кајлаш Сатијарти е основач на групата која се бори против трговијата со луѓе и борец за заштита на правата на децата. Неговата организација помогна при ослободувањето на десетици илјади деца од ропство.
Комитетот соопшти дека наградата на Јусуфзаи и Сатијарти им се доделува „за борбата против репресијата на децата и младите и заложбата за право на сите деца на образование“.
Минатата година оваа награда ја доби Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPSW).