Макрон: Вакцината против Ковид-19 ќе биде јавно добро

Од:

Донаторската конференција организирана од ЕУ за борба против коронавирусот започна попладнево, бројни земји ширум светот најавија милиони финансиска поддршка за наоѓање третман и вакцина.

Отварајќи ја конференцијата, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека нејзината институција ќе придонесе со една милијарда евра за иницијативата за борба против коронавирусот.

Првичната цел на оваа донаторска конференција е да се постигне сума од 7,5 милијарди евра.

Шефовите на држави и влади на земјите во светот се јавија преку видеоврска да објават со колкав износ планираат да учествуваат во глобалниот напор за наоѓање третман и вакцина против Ковид-19.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, најави придонес од 1,2 милијарди евра и порача дека вакцината, кога ќе биде развиена, мора да биде јавно добро.

– Легитимно е земјите да го штитат своето население, но ова можеме да го надминеме само заедно, преку соработка во ЕУ, меѓу државите, со вертикалните организации и докажани чинители од фармацевтската индустрија. Оваа вакцина кога ќе биде достапна ќе биде светско јавно добро, таа нема никому да припаѓа, а тие што ќе ја измислат се разбира ќе бидат наградени, рече Макрон повикувајќи ги сите земји и меѓународни организации и фондации да учествуваат.

Повеќето лидери кои се обратија на донаторската конференција инсистираа на важноста вакцината да биде достапна за најранливите граѓани и најзагрозените земји во светот, посебно на африканскиот континент.

За шпанскиот премиер, Педро Санчез е клучно оваа борба да се темели врз социјална правда, наука, соработка меѓу земјите и да се намалат нееднаквостите.

– Мораме од ова да излеземе без никого да оставиме зад нас, мораме да создадеме трајни структури кои ќе овозможат справување со идни инфекции, оваа криза обелодени нешто важно: не само што сме ранливи како луѓе, туку сме поранливи колку повеќе сме необединети, истакна Санчез.

Европската унија ќе соработува со СЗО и другите релевантни здравствени организации, како на пример Коалицијата за иновативна подготвеност за болести.

Африка исто така ќе биде врвен приоритет во справувањето со вирусот, порачаа лидерите.

„Донаторскиот маратон“, како што го нарекува Европската комисија, треба да вроди со вакцина која ќе може да се дистрибуира во секој дел од светот за достапна цена.

Со ова ЕУ се позиционира уште еднаш како сила која верува пред сѐ во мултилатерален пристап пред предизвиците.

На апелот на ЕУ одговорија речиси сите големи земји низ светот, и бројни помали, со исклучок на САД и Русија.

Од Западниот Балкан учествуваше само Србија.

Премиерката Ана Брнабиќ се заблагодари за помошта на ЕУ што ја доби нејзината земја и најави дека Србија ќе придонесе два милиони евра во оваа иницијатива, од кои еден милион за развој на вакцина, и еден милион за Светската здравствена организација за зајакнување на здравствените системи ширум светот, изјави Брнабиќ.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

Макрон: Треба да изградиме Европа која ќе биде одбранбена и способна

Макрон: Нетанјаху да се придржува до одлуките на ОН, телото што го создаде Израел

Нетанјаху го нарече срамотен повикот на Макрон за ембарго за оружје на Израел

Макрон го повика Израел да престане да ескалира, а Хезболах да ги прекине непријателствата

Париз блокиран: Илјадници луѓе протестираат