Петмината водечки кандидати за претседател на Франција синоќа ја имаа првата тричасовна телевизиска дебата во пресрет на претседателските избори закажани за 23 април.
Според испитувањето на јавното мислење на телевиските гледачи кои ја следеле дебатата меѓу петте од вкупно единаесетте претседателски канидатите, што ја спроведе агенцијата „Елаб“, најубедлив од сите бил Емануел Макрон од левоцентристичката партија Во движење (ЕМ) со 29 отсто поддршка, пред Жан-Лук Меланшон од левичарската популистичка партија Непокорна Франција (ФИ) со 20 проценти.
Франсоа Фијон од конзервативната партија Републиканци (ЛР) и Марин Ле Пен од екстремно десниот Национален Фронт (ФН) добија по 19 проценти поддршка, додека последен со 11 отсто е кандидатот на владејачката Социјалистичка партија (ПС), Беноа Амон.
Како што јави дописникот на МИА од Париз, по еден час мирна дебата, во продолжението дојде во заострување на тонот и до зголемување на тензиите во дуелите.
Ле Пен ги разгори страстите околу прашањето на секуларизмот, обвинувајќи го Макрон дека затскриено „го фаворизира носењето на буркини“.
– Кога имам нешто да кажам, тоа го велам јасно. Тоа ми е навика, и возврати Макрон, на што подоцна Ле Пен му реплицирташе со зборовите: „Знаете што? Вие имате неверојатен талент. Можете да зборувате седум минути и јас не сум спосбна да го сумирам вашето размислување. Вие не кажавте ништо. Ова е апсолутен вакуум”.
Дебатата за аферите околу моралот во јавниот живот ги поттикна Меланшон зборувајќи за обвиненијата против Фијон и Ле Пен за фиктивните вработување.
– И се восхитувам на вашата скромност кога велите дека кампањата е загадена со аферите на некои од нас. Постојат само две лица кои се вклучени, а ние другите тројца немаме ништо со тоа. Па ве молам да не не ставате сите во иста торба, рече Маланшон.
Без да го спомене Макрон, Амон истакна дека постојат „јасни обврски” за финансирање на кампањите, нагласувајќи дека сите кандидати треба јасно да покажат дека немаат донации од луѓе кои „им припаѓаат на големи групи и кои утре би можеле да ги држат за врат“.
На ова веднаш одгооври Макрон. – Мислам дека тоа се однесува на мене, па јас би сакал да интервенирам. Лансирав политичко движење што навистина ја обновува политиката и повеќе зависи од донации отколку од субвенции. Донации од илјада до 7.500 евра, како што е предвидено со закон, рече тој.
Додека растеа тензиите меѓу Макрон и Амон, Меланшон иронизираше дека „мора да има дебата меѓу социјалистите“, што предизвика смеа во студиото.
– Ве уверувам господине Меланпшон. Ако јас бев во Социјалистичката партија на прелиминарните избори, не би бил тука денеска, а ако бев не би ја водел битката што ја водам, изјави Макрон, кој единствен остана сериозен.
Покрај овие петмина кандидати, во трката за претседател на Франција се и Натали Арто од троцкистичката партија Работничка борба (ЛО), Франсоа Аселино од евроскептичниот националистички Републикански народен сојуз (УПР), Жак Шеминад од популистичката партија Солидарност и Напредок (СП), Никола Дипон Ењан од национал-конзервативната партија Франција Стоечки (ДЛФ), Жан Ласал од центристичката Да пружиме отпор (Р!) и Филип Путу од екстремно левичарската Нова антикапиталистичка партија.
Доколку во првиот круг од претседателските избори на 23 април ниту еден од кандидати не освои над 50 отсто од гласовите, што речиси сигурно и ќе се случи, двајцата најдобро пласирани кандидати ќе ги одмерат силите во вториот круг на 7 мај.