Францускиот претседател Емануел Макрон ги предупреди Французите на „голема промена“ која ќе донесе „крај на изобилството и негрижата“. „Имаме голема промена“, предупреди шефот на државата, осврнувајќи се на неодамнешната серија „сериозни кризи“, од Украина до сушата, говорејќи на почетокот на владината седница.
„Можеби изгледа дека моментот во кој живееме е структуриран од серија сериозни кризи и можно е некои да ја гледаат нашата судбина како постојано управување со кризи или вонредни ситуации. Што се однесува до мене, верувам дека она што низ поминуваме е повеќе голема промена или голем пресврт“, рече Емануел Макрон за време на говорот пред неговите министри.
Тој ги повикува министрите да не подлегнуваат на демагогија
На оваа ситуација „нашите сонародници би можеле да реагираат со голема вознемиреност“, рече Макрон, и затоа ги повика членовите на владата „да ги именуваат работите многу јасно. Очекувам владата да го почитува дадениот збор и обврските што ги презедовме кон нацијата“, додаде тој.
Претседателот ги повика своите министри да не подлегнуваат на демагогија и да бидат сериозни и кредибилни. „Секогаш може да изгледа привлечно да се каже она што луѓето сакаат да го слушнат, но прво треба да се запрашате дали е тоа ефективно и корисно“, додаде тој.