Белата куќа ќе добие две нови миленичиња. Во јануари, кога новоизбраниот претседател Џо Бајден ќе положи заклетва, тој и неговата сопруга, Џил Бајден, нема да бидат сами кога ќе се преселат во Белата куќа. Тие ќе ги донесат и двата германски овчари, Чамп и Мајор.
Мajор ќе биде првото посвоено бездомно куче што ќе живее во Белата куќа. Бајден го посвоил од Хуманото друштво Делавер во 2018 година. Бајден и неговата сопруга го имаат Чамп од 2008 година.
Претседателот Трамп нема миленичиња, па Белата куќа беше лишена од крзнени жители во последните четири години.
Ова еднаш беше нагласено од страна на Бајден кој објавувајќи фотографија со својот миленик на Инстаграм, напиша: „Некои Американци го слават Меѓународниот ден на мачките, а некои Меѓународниот ден на кучињата – претседателот Трамп не слави ништо од ова. А тоа кажува многу. Време е да ги вратиме милениците во Белата куќа“.
Пред Трамп, поранешниот претседател Барак Обама и неговото семејство имаа две португалски водни кучиња кои живееја со нив во Белата куќа по име Бо и Сани.
Во Белата куќа постои долгогодишна традиција на чување кучиња. Но, кучињата не се единствените миленичиња што живеат во Белата куќа. Според музејот на претседателските миленици, Томас Џеферсон имал подбивна птица и две младенчиња, а Џон Квинси Адамс имал алигатор што му го дал маркизот де Лафајет, којшто го чувал во бањата.
Абрахам Линколн имал неколку миленичиња, меѓу кои и неколку кучиња, најмалку две мачки, бели зајаци, мисирка, коњи и свиња, пишуваат американските медиуми.
И Теодор Рузвелт имал широк спектар на животни во Белата куќа, вклучувајќи бројни коњи и кучиња, пони, змија, папагал, неколку мачки, јазовец, зајак, летечка верверичка и морски прасиња.