Шпански активисти за заштита на животни се судрија со претставници на полицијата, бидејќи не им дозволиле да ги спречат медицинските работници да влезат во станот на медицинската сестра, Тереза Ромеро која што е заразена со ебола, за да го заспијат нејзиното куче.
Мадридската регионална полиција добила судски налог да изврши еутаназија на кучето по име Екскалибур, бидејќи според достапните медицински информации не е исклучен „ризикот од зараза“.
Медицинска сестра изјавила дека со смртоносниот вирус се заразила откако, си го допрела лицето со ракавици, додека лекувала свештеник, кој бил заболен од ебола.
Таа била дел од медицинскиот тим кој се грижел за 69-годишниот шпански свештеник кој почина минатиот месец, откако од Сиера Леоне бил префрлен во Мадрид.
Инаку Ромеро е првото лице за кое се знае дека е заразено со смртоносниот вирус надвор од Западна Африка.
Е. Г.