Португалските пожарникари во текот на минатата ноќ успеаја да го локализираат најсмртоносниот пожар во поновата историја на Португалија, во кој загинаа 64 лица, а над 150 се повредени.
Како што соопшти утрово претставник на португалските власти, пожарот, кој избувна во саботата, е локализиран, иако на некои места се уште има пламени јазици.
Поради високите температури, сувото време и силниот топол ветер пожарот, што изнувна во реонот на градот Педрогао Гранде, на околу 200 километри источно од Лисабон, зафати околу 40.000 хектари земјште.
Директорот на Агенцијата за цивилна заштита, Виктор Ваз Пинто информира дека огнот се уште гори во делови северно од Педрогао Гранде, поради што се евакуирани жителите на неколку околни села.
Пинто нагласи дека очекува во текот на следните денови пожарот да биде целосно изгаснат, во што, според него, ќе помогне и очекуваниот пад на температурите.
Португалскиот премиер Антонио Коста побара покренување истрага за причините што доведоа до брзото ширење на огнената стихија и големиот број жртви.
Според првичната истрага на полицијата, пожарот најверојатно бил предизвикан од удар на гром, по што брзо се проширил. Меѓутоа, според извори во истрагта, не е исклучена и можноста, пожарот да бил подметнат.