Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска во Сухуми учествуваше на церемонија на отворање на новиот комплекс од згради на амбасадата на Русија во Абхазија, земјата на источниот брег на Црно Море која се отцепи од Грузија и досега е призната само од многу мал број земји .
Лавров, цитиран од ТАСС, забележа дека огромниот комплекс од нови згради „ја продолжува историјата, што почна на 26 август 2008 година, кога беа воспоставени дипломатските односи меѓу нашите земји“.
На овој датум, имено, Русија ја призна независноста на Абхазија, која се отцепи од Грузија по крвавата петдневна војна.
-Тоа беа години на заеднички подвиг, на заедничка борба за правда и праведност, години на взаемна поддршка, истакна рускиот министер за надворешни работи.
Претседателот на меѓународно непризнатата република Раул Хаџимба, од своја страна, на церемонијата изјави дека „развојот и зацврстувањето на односите со Русија е клучен потег на надворешната политика на Абхазија“.
Тој го потенцира значењето на договорот за сојузништво и стратегиско партнерство меѓу двете земји од ноември 2014 година, како и на потпишаните над 100 спогодби во различни сфери на билатералните односи.