Курдските милиции пешмерга, помогнати од ирачките воено-воздухопловни сили, успеаја да ја повратат контролата врз три села на североисток од Багдад, што беа заземени од џихадистите од „Исламска држава“, и да одбијат два напада на исламистите во друг регион, соопштија официјални курдски извори.
Како што пренесуваат француските медиуми, курдските сили, поддржани од ирачката авијација, денеска презедоа три села во реонот на градот Џалаула, во источната провинција Диала.
Тие ја повратија контролата и врз еден од главните патишта, што бунтовниците ги користат за превезување борци, оружје и храна, соопшти генерал на курдските сили пешмерга.
По северно, бунтовниците извршија два напада врз град со доминантно шиитско население, што се наоѓа на 175 километри северно од Багдад, но беа одбиени од пешмергите, повторно со помошта на ирачката воена авијација.