Три жени со курдско потекло се пронајдени мртви во просториите на Курдскиот институт во француската престолнина Париз. Сите убиени имале прострелни рани во главите.
Според првичните проценки, најверојатно станува збор за ликвидација, меѓутоа истрагата ќе ги расветли точните околности на трагедијата.
Al Jazeera повикувајќи се на извори од Турција, јавува дека една од убиените жени, чие име не се соопштува, била коосновач на забранетата сепаратистичка Работничка партија на Курдистан, која што со децении се бори против турските власти за автономија на деловите од земјата населени со Курди.
Втората убиена е идентификувана како 32-годишната Фидан Доган, која работела во информативниот центар на Институтот. Идентитетот на третата жена, којашто е наводно курдски активист но не била вработена во Институтот, засега не е соопштен.