Себастијан Курц, кој е австриски министер за надворешни работи и најверојатно иден канцелар на таа земја, ја поддржа критиката на Доналд Туск во врска со непочитување на квотите за прием на бегалци и кажа дека се залага за промена на политиката кон бегалците.
– Туск е во право кога вели дека не функционираше обрзувачката квота за прием на бегалци. Поради тоа ќе се залагам погрешната политика кон бегалците да се промени, најави тој и оцени дека е потребна промена на системот.
– Без функционирање на заштитата на надворешната граница на ЕУ нема да успееме да го совладаме проблемот со илегалната миграција, истакна тој и додаде дека е позитивно тоа што Туск и некои европски држави сега се залагаат пред се за вистинска заштита на надворешната граница и употреба на повеќе средства од ЕУ за таа намена.
Неговата изјава беше критикувана од страна на австрискиот канцелар во заминување, Кристијан Керн.
– Прераспределбата на бегалците на други земји ќе претставува растеретување за Австрија, а откажувањето од тоа го сметам за голема грешка, рече Керн.
– По прашањето на бегалците мое мислење е дека нашето место не треба да биде со Вишеградската група туку со францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, истакна тој.