Треба да се запрат обидите за наметнување на квоти за раселување на бегалците и да се направат нови напори да им се помогне на нив во земјите од каде што доаѓаат, изјави новиот австриски канцелар Себастијан Курц во интервју за весникот „Билд ам Зонтаг“.
Курц беше критичен кон одлуката на германската канцеларка Ангела Меркел во 2015 година да прифати над еден милион мигранти уште додека беше министер за надворешни работи. По преземањето на функцијата австриски канцелар тој застана на страната на централноевропските земји, кои се против предлозите за раселување на барателите на азил во ЕУ.
– Принудувањето на земјите од ЕУ да прифатат бегалци не ја води Европа кон напредок. Дискусијата нема смисол. Мигрантите што одат кон Европа не сакаат да одат во Бугарија или Унгарија. Тие сакаат да одат во Германија, Австрија или Шведска, истакна тој.
Тој ја повика ЕУ, наместо да вложува напори во една неуспешна политика, да ги поддржи можеби и со воена сила напорите да им се укаже помош на мигрантите во нивните матични земји или во соседните држави.
– Ако тоа не е можно, треба да им се помогне во безбедните области на нивниот континент. ЕУ треба да помогне во тоа, можеби дури и да го организира и да го поддржи со воена сила, истакна новиот австриски канцелар.