Инцидентот во кој нацисти со спреј нацртале кукаст крст на вратата на куќата во која живее семејството на поранешната претседателка на шведските социјадемократи Мона Салин, денеска доби голем публицитет во шведските медиуми, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Инцидентот се случил кон крајот на април годинава, непосредно откако медиумите објавија дека Мона Салин, која беше и кандидат на левиот коалиционен блок за премиерска функција на парламентарните избори во Шведска пред три години, ќе зборува на првомајските демонстрации во Јеншепинг, каде што дозвола за демонстрации истиот ден имаше и нацистичката Шведска партија.
– Тие ме нарекуваа државен предавник. Така да ве нарачат нацисти, тоа е голема чест, рече во таа пригода Мона Салин, пред да го започне првомајското обраќање.
Според весникот „Експресен“, Мона Салин немала никакво обезбедување во моментот кога се случил споменатиот инцидент, но веднаш потоа и било обезбедено 24-часовно обезбедување околу нејзиниот дом, кое се уште е на сила.
Шведскиот премиер Фредрик Рајнфелд, како и лидерот на опозицијата, актуелниот претседател на социјалдемократите Стефан Ловен, јавно го пофалија гестот на Салин. – Мона Салин мошне храбро им се спротивставува на овој вид сили во текот на својот долг политички ангажман, рече премиерот Рајнфелд.
Познат е и случајот кога во текот на предизборната кампања во 2011 година еден маскиран маж сред ноќ се обидел да влезе во нејзиниот дом. Кукасти крстови на вратата на Мона Салин за првпат биле цртани уште во 1992 година, а забележани се и инцидети кога таа била изложувана на физички напади поради што била принудувана да ги откажува предизборните митинзи.