Дојче веле – Берлин
Деновиве мојата 16-годишна ќерка ме замоли да и раскажам каква е таа приказна со руското девојче во Берлин. Почнав незгодно да одговарам дека имаше еден доста спорен телевизиски извештај со наводно една погрешна теза и дека од гледна точка на нормалното новинарство правило е да се каже дека во суштина за тоа што се случило се знае многу малку и треба полека да се види за што станува збор пред да се прават заклучоци.
– Добро, рече ќерка ми уморна од мојата дидактика, да претпоставиме дека тоа е погрешно, но зошто?
Геополитиката против црната хроника и битовите драми
Навикнат на антизападната пропаганда, беќе одамна не сум се замислил за тоа. Всушност навистина, зошто? Во приказната за „распнатото момче“ во Славјанск, на пример, се беше јасно – тоа е отворена, директна пропаганда. Така се дискредитира непријателот, за што како виновници беа посочени Украинците.
Освен тоа, се стимулираше солидарноста со жителите на Донбас и велат дека „распнатото момче“ довело таму многу искрени доброволци. Но, зошто да се експлоатира онаа сомнителна приказна со девојчето? Нели не војуваме, ниту со Германија, ниту со бегалците кои пристигнале таму. И доброволци таму сега заминуваат главно за да работат или учат.
– Е, на пример, го кажувам првото кое ми паѓа на ум, за да бидат остранети на некој начин луѓето од тоа што се случува тука (во Русија) и да се нивелира тукашната слика преку изедначување како: „Пак во Европа се случуваат некои ужаси“. И тука ќерка ми во момент реагира: Како со лекарот од Белгород? Паметно“
Всушност да, приказната со лекарот кој убил пациент и со ученичките од уљановскиот колеџ истепале дете од дом за сираци и уште многу други не изгледаат дури ни толку ужасни во однос на ѕверствата на непознати бегалци кои попрво би ја поробиле изморената Европа.
И повеќе не е толку интересно што ќе се случи со лекарот, со тие жестоки девојки, со полицаецот сообраќаец кој го сопрел трамвајот за да може прво да мине владина колона и многу други сомнителни лица од секојдневните руски весници. Ќе прочита човек и ќе заборави некаква црна хроника, некакви човечки престапи.
Во Германија е нешто друго; тука веќе, брат, се работи за геополитика.
Ксенофобија од државен размер
Парафразирајќи ја познатата мисла сега на сите ни е интересно што се случува со бегалците таму кај Германците, приказната со девојчето силно го поврза рускиот гледач со европските проблеми. Пред тоа само се исмеваше на глупавите, од негова гледна точка, Европејци, за кои не е јасно зошто пуштиле дома орди од несакани луќе.
А сега тоа почнува да ги засега и него: „Ги тепаат нашите“. Поранешните наши, мислите?! Не, не сте во право, ама тие отишле таму не за да ја остават својата татковина, тие се обични луѓе, како нас. Русите не ги оставаат своите. Проблемите на бегалците кои го тероризираат населението на многу настраданата Германија и руската дијаспора во тој контекст, се исти; така што да не ги потценуваме, тоа ќе ви го каже секој кабинетски аналитичар дури и без да пушти телевизор.
И ете ќе се појави уште еден, не баш непријател, ама да речеме објект на омраза, какви во наше време често не се сретнуваат. Како пример, се разбира, не може да се спореди со Украинците или со Турците, а да не зборувам за Америакцните. Тука станува збор за непријател од втор план. Да, да, не грешите, тоа е имено кеснофобија и распалување на омраза, притоа на државно ниво и во државен обем. Парадоксално треба да работи против антимуслиманските чувства во Русија, а главното – во поддршка на имиџот на руските власти.
Демек, гледајте, тие мекотели Европејци со толку фалената политичка коректност, толерантност и мултикултурализам, не можеа да се справат со муслиманите бегалци. И сега се принудени дури и да не им играат како што свират, а како резултат на тоа настрадаа обични руски луѓе во Германија.
Од друга страна, гледајте какви јунаци се нашите муслимани – секој ден ги колнат непријателите на Русија, петата колона, кои се подготвени да го штитат претседателот, и ден и ноќ. И ако убиваат некого, тоа се само непријателите на народот. Или попрецизно вака: видете какви јунаци станале, благодарение на се знае чија мудра политика.
А до неодамна пукаа со автомати по планините, стрелаа по нашите момчиња. Таа вашата Меркел, може ли да направи таков пресврт? Не може.
Кој тајно има корист?
Таа темна, но бучна историја има уште една страна која некој ја искористува и таа не е многу забележлива, гледајќи од Русија. Тоа се германските екстремни десничари под чија закрила сега минуваат анитемигрантските настани. Вклучувајќи го и „народниот собор“ на збунетите руски жители на Берлин, кои ни ги покажа Првиот канал.
Нема да се убедам ако се покаже дека целата таа приказна со како што се тврди силуваното девојче, тргнала имено од десните. Ако земеме предвид колку топло се однесуваат кај нас кон секакви европски екстремни десничари – од Јубик до Националниот фронт, пројавата на такви извештаи во етерот на каналите на државната телевизија кои се пренесуваат и во Европа, каде живеат неколку милиони поранешни наши сограѓани, никако не изгледа чудно.
Руските емигранти практично во секоја земја по правило се наклонети кон доста десни ставови. Со други зборови, тие ретко искажуваат симпатии кон други дојденци, особено, ако можам така да се изразам, кон неблиски по менталитет и култура. И често поактивно дури и од локалното население се изјаснуваат за строго ограничување на приемот на мигранти, иако и самите се такви.
Нивната уште посилна радикализација е извонредно плодна почва за не особено популарната Национално демократска партија на Германија )НПД) и претставува можност да добие нови гласови од германскиот „мал СССР“, кој гувее пред путинскиот телевизор. Па нели се тие заминати доброволци од својот род?
Изгледа ќе има уште немалку приказни кои ќе водат до судир меѓу емигрантите од Русија со „источните варвари“.