Нема инфраструктура за операции на Ф-16 во Украина, а нема ниту потребен број пилоти или персонал за одржување. Што ќе се случи ако американските ловци полетаат од аеродромите на НАТО, кои се под контрола на странски „волонтери“, праша рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов во својата изјава објавена на Телеграм.
Во својата изјава тој наведе и дека секој украински напад на Крим ќе се смета за напад врз Русија.
„Важно е САД да бидат целосно свесни за одговорот на Русија на таквите напади“, рече Антонов.
Американскиот претседател Џо Бајден им рече на другите лидери на самитот на Г7 во Хирошима во неделата дека Вашингтон поддржува заеднички програми за обука на украинските војници за Ф-16, иако сојузниците на Киев сè уште не донеле конкретни одлуки за обезбедување на борбените авиони.
Според германскиот канцелар Олаф Шолц по состанокот, САД сè уште не одлучиле конечно „што ќе се случи на крајот на обуката“.