Највисокиот конзервативен политичар во Шведска, Улф Кристерсон (58) е избран за нов премиер на земјата, откако ја доби потребната поддршка на денешното гласање во Парламентот, со што заврши осумгодишното владеење на социјалдемократите.
Лидерот на Умерената партија ја доби потребната поддршка од Риксдагот во Стокхолм, исто така благодарение на гласовите на екстремно десничарските популистички шведски демократи, при што 176 од 349 пратеници гласаа за Кристерсон, а 173 против него, јави ДПА.
Кристерсон ќе ја наследи социјалдемократката Магдалена Андерсон. Тој утре треба да даде владина изјава и да го претстави својот Кабинет. Промената на владата потоа ќе биде официјално одобрена од кралот Карл Шеснаесетти Густаф.
– Благодарен сум и среќен за довербата што ја добив од Риксдагот, а исто така сум значително скромен во поглед на задачите што ни претстојат, изјави Кристерсон по гласањето.
– Шведска се наоѓа во неколку паралелни кризи одеднаш, рече новоизбраниот премиер, меѓу другото наведувајќи ги цените на електричната енергија, климатските предизвици и глобалните прашања.
За да се справи со овие кризи, неговите Умерени ќе формираат малцинска влада со Христијанско-демократската партија и либералите демохристијаните. Најголемата шведска десничарска антиимигрантска партија Шведските демократи нема да биде дел од идната Влада, но вети поддршка, со што првпат ќе има директно влијание врз политичките процеси во земјата.
Конзервативниот, десничарски табор предводен од умерените на Кристерсон, вклучувајќи ги и Шведските демократи, освои тесно мнозинство од 176 од 349 места на парламентарните избори на 11 септември, додека таборот на социјалдемократите на Андерсон за малку го пропушти мнозинството со освоени 173 места.
Извор: МИА