Унгарскиот Парламент денеска ја одржа својат конститутивна седница по изборите одржани минатиот месец, на кои убедлива победа оствари коалицијата на десничарската популистичка партија Фидес на премиерот Виктор Орбан.
За време на одржувањето на седницата, пред зградата на Парламентот се собраа околу 1.000 лица, кои протестираа против премиерот Орбан.
Демонстрантите, кои носеа знамиња на Унгарија и ЕУ и извикуваа „демократија, демократија“, го обвинуваат Орбан за задушување на слободата на медиумите, за манипулирање со изборните закони, како и за партизација на државните институции.
– Оваа влада ја сметам за нелегитимна. Со измените на изборниот закон, (Орбан) одново си обезбеди двотретинско мнозинство во Парламентот, изјави една од учесничките на протестот.
Пред Парламентот демонстрантите поставија и транспарент на кој беше испишано: „Уставот е нелегитимен“.
Во пресрет на денешната седница, унгарскиот претседател Јанош Адер вчера на Орбан му го довери мандатот за формирање нова влада.
По средбата со Орбан, Адер изјави дека резултатите од изборите на 8 април јасно покажале кој има доволно поддршка за да формира влада.
Орбан од своја страна нагласи дека го прифаќа мандатот и оти ќе и служи на Унгарија „лојално и посветено“.
Тој најави дека новата влада ќе се труди да ја гарантира безбедноста на Унгарија, ќе ја штити нејзината христијанска култура и „ќе ги искористи сите средства за да ја оставри волјата на гласачите од 8 април“.