Конгресот на локалните и регионални власти на Советот на Европа по расправата за мониторинг извештајот за состојбата на локалната и регионалната демократија во Франција, усвои препорака, со која изразува загриженост поради територијалната реформа на регионите за што тие не биле консултирани од централната власт, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Известувачите Џос Виенен (Холандија, ЕПП / CCE) и Гудрун Мослер-Торнстром (Австрија, СОЦ) го истакнаа напредокот постигнат во процесот на децентрализација во Франција, особено, за соработка помеѓу локалните власти и прекугранична соработка . Тие, исто така, го истакнаа задоволството,поради се поголемата финансиска автономија на овие заедници благодарејќи на растечкиот дел на сопствените ресурси во нивниот буџет.
Сепак, во препораката, Конгресот изрази загриженост посебно во врска со постапките за донесување на Законот бр 2015-29 од 16 јануари 2015 година во врска со утврдувањето на новите регионите, регионални и департманските избори и за изменување на календарот за избори, за што регионите не биле претходно ефективно консултирани. Конгресот ги повикува властите да го разгледаат процесот на консултации со директните претставници на локалните и регионалните власти во сите одлуки кои се однесуваат на нив, а особено оние кои се однесуваат на нивните територијални граници.
Се препорачува преиспитување на системот на прераспределба за да се направи поправичен, да се децентрализираат повторно одлуките за локалното оданочување и да се разјасни потеклото на финансиските средства на локалните заедници.
На крај, Конгресот ги повикува на француските власти да ја разјаснат поделбата на власта (надлежностите) на различни нивоа на локалните власти за да се избегне дуплирање и да продолжи со зголемување на учеството на сопствените средства во буџетот на локалната самоуправа.