Поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми изјави денеска пред сенатска Комисија за разузнавање дека „иако законот не бара причини да се смени директорот на ФБИ, администрацијата одлучила да го наклевети него и ФБИ, наведувајќи дека Бирото е во хаос и дека вработените загубиле доверба во шефот“.
– Тоа беа едноставно, лаги и жалам што вработените во ФБИ требаше да ги слушнат и дека тоа им беше кажано на Американците, истакна поранешниот шеф на ФБИ.
Тој нагласи дека американскиот претседател Доналд Трамп побарал од него да прекине со истрага против неговиот поранешен советник за национална безбедност Мајкл Флин. Коми ги опиша детално разговорите со Трамп за време на кои било побарано од него да ja прекине истрагaта против Флин.
Трамп сепак, не побарал од него да ја запре истрагата за наводно руско мешање во претседателските избори во 2016 година.
Според Коми, нема сомневање дека Русија се вмешала во изборите во САД. Во исто време тој смета дека немало злоупотреба на гласовите.
– ФБИ дозна за кибер нападот од страна на Русија кон крајот на летото во 2015 година, изјави тој пред сенаторите.
Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон го исмеа денеска преку Твитер сведочењето на Коми пред Комитетот за разузнавање на американскиот Сенат.
Тилерсон напиша транскрипт од сведочењето: „Кој ги хакирал изборите? Русија. Дали сте сигурни? Да. Колку сте сигурни? 100 отсто. На колку гласови тоа влијаело? Нула“.
Коми објасни дека по првиот разговор во јануари почнал да води белешки за средбите со претседателот, бидејќи стравувал дека Трамп може да лаже за нив.
– Навистина се загрижив дека тој може да излаже за суштината на нашата средба. Знаев дека може да дојде ден кога ќе имам потреба од запис за тоа што се случило, не само да се заштитам себеси, туку и ФБИ, изјави Коми.
Тој се надева дека има записи за разговорите со Трамп.
– Го видов твитот за записите. Боже, се надевам дека има записи, изјави Коми.
Тој изјави и дека обвинувањата на Трамп дека ФБИ е во хаос, се лаги. – Аргументите на Трамп дека ФБИ е неефективен ги сметам како клевета за мене и за ФБИ, изјави тој.
– Објаснувањата за моја смена ме збунија и сериозно ме загрижија, истакна Коми.
Сенаторите сакаат да слушнат од Коми каква била неговата улога во проценката на американските разузнавачки служби дека Русија се вмешала во изборите минатата година.
Коми потврди дека ФБИ не воделе истрага против претседателот Трамп минатиот месец, кога тој беше отстранет од функција.
Коми додаде дека тој побарал од свој пријател да им даде на медиумите разиме од неговите разговори со Трамп за да обезбеди назначување специјален обвинител кој ќе врши истрага за наводното руско мешање во изборите во САД. Тој рече дека се надева оти објавувањето на информациите ќе предизвика назначување надворешен експерт кој ќе води истрага за случајот. Минатиот месец Министерството за правда го назначи Роберт Малар за специјален обвинител во истрагата.
Разрешениот директор на ФБИ рече дека знае „редица причини“ поради кои вмешувањeто на главниот обвинител Џеф Сешанс во истрагaта за Русија би било проблематично, но додаде дека не може да каже за нив на отворена седница.
Коми откри дека високи лица од Министерството за правда повикале Сешанс да се повлече од истрагата.
Toj објасни дека не им укажал на вработените во ФБИ задолжени за случајот со Флин дека претседателот сака од него да биде прекината истрагата.
– Независно колку добри агенти се, тоа можеше да има негативен ефект врз нивната работа, нагласи Коми.
Седницата се емитуваше на сите големи телевизиски канали во САД и траеше два часа и 40 минути. Си-Ен-Ен објави дека Трамп во Белата куќа го следи сведочењето на Коми во друштво со правниот советник Марк Касовиц. На Твитер денеска е популарен хаштагот #ComeyDay.
Трамп вчера објави дека за нов директор на ФБИ ќе го именува Кристофер Реј, кој работел во Министерството за правда за време на администрацијата на Џорџ Буш помладиот.
Се очекува адвокатот на Трамп, Марк Касовиц денеска да даде изјава по завршувањето на сведочењето на Коми. Тоа ќе биде негова прва јавна изјава.