Францускиот Висок орган за транспарентност во јавниот живот (ХАТВП) објави податоци за имотната состојба на 11-те кандидати за претседател на Франција, кои укажуваат на големи разлики во имотот меѓу претендентите за идена станар во Елисејската палата, јави дописникот на МИА од Париз.
Според ХАТВП, кандидатот на конзервативната партија Републиканци (ЛР), Франсоа Фијон во септември 2016 година пријавил „семеен кредит“ во вкупна вредност од 30 000 евра, кој според него, е подигнат за „плаќање на даночните обврски“, што мора да ги подмири пред 31 декември 2017 година.
Фајон, кој се соочува со обвинувањата за фиктивни вработувања, поседува три недвижни имоти: замок во Сарт наречен „Куќа од 3.162 метри квадратни“ проценета на 750.000 евра, куќа во Пиринеи-Атлантик вредна 134.000 евра од која поседува 44,3 отсто и уште една куќа во Сарт на која е сопственик на 33 отсто, а чија вредност е 41.300 евра.
„Монд“ објави дека постои и таен договор, склучен пред две години, со која Фијон добил 50,000 долари (45.000 евра) за воспоставување контакт меѓу претпријатието „Идни индустриски цевки“ (ФПИ) со седиште во Дубаи, кое е светски лидер во фиберглас цевководи, со извршниот директор на „Тотал“, Патрик Пујане и рускиот претседател Владимир Путин.
Кандидатката на Националниот фронт (ФН), Марин Ле Пен нема животно осигурување и акции, туку само две банкарски сметки. Нејзиниот имот се сведува на недвижности. Така, таа во 1998 година како подарок стекнала 28,5 проценти на имот од 120 квадратни метри во Морбијан со вкупна вредност 238.000 евра, а поседува и 20,5 опроценти од куќа од 382 метри квадратни во От де Сен проценета на околу еден милион евра.
Таа поседува и 50 проценти од куќа од 1.200 метри квадратни што се наоѓа во Пиринеи-Оринетал и се проценува на околу 73.200 евра, како и 12,5 отсто од павиљон во Монтерту во Сант Клу, кој вреди 2,57 милиони евра.
Проценките на вредноста на куќата От де Сен и имотот во Монтрету се оспорени од страна на даночните власти и против кандидатката на екстремната десница се води постапка од страна на даночните власти.
Ле Пен има пријавено и два кредити за претседателската кампања во вкупна вредност од шест милиони евра, од кои и остануваат за отплатување уште 5,4 милиони.
Кандидатот на левоцентриситчката партија Во движење (ЕМ), Емануел Макрон поседува мал имот, околу 120.000 евра на различни банкарски сметки, животно осигурување на 91.954,82 евра и разни инвестиции, вклучително и удели во инвестициски фондови во мали и средни претпријатија проценети на 61.516 евра и приходи од акции во износ од 54.611,45 евра.
Тој пријавил и дека има добиено средства од издавачот „Икс-О“ за авторски права за негова книга во износ од 274.141,42 евра, кои му биле исплатени на 4 јануари.
Макрон, исто така, пријавил дека треба да отплати 246.837,44 евра од кредито во износ од 350.000 евра што го подигнал во 2011 година за финансирање на градежни работи.
За разлика од изјавата за имототната состојба што како министер ја дал во октомври 2014, Макрон повеќе не го поседува станот од 83 метри квадратни во Париз, кој тогаш бил проценет на 935.000 евра, а отплатил и нешто повеќе од 750 000 евра кредити.
Севкупно, овој поранешен банкар, е еден од „посиромашните“ претседателските кандидати.
Кандидатот на Социјалиситчката партија (ПС), Беноа Амон има два стана и тоа еден од 108 метри квадратни метри вреден 700.000 евра и втор 62 квадратни метри чија вредност е 112.000 евра.
Неговиот конкурент од левицата, Жан-Лук Меланшон, исто така, има два имоти – „селска куќа“ од 150 метри квадратни метри чија пазарна вредност изнесува 190.000 евра; и стан од 110 метри квадратни вреден 800 000 евра.
Никола Дупонт-Ењан покрај стан од 105 метри квадратни во Париз, вреден од 1,3 милиони евра, има и пет други недвижности во главниот град на Франција и една куќа во Есон со вкупна вредност од 2,33 милиони евра.
Франсоа Аселино од Републиканскиот народен сојуз поседува паркинг простор во Париз и четири други имоти, вклучувајќи и два во Француска Полинезија: трисобен и двособен стан во вредност од 187.000 евра и 182.451 евра. Во Париз, Аселино исто така, поседува резиденција од која во негова сопственост се 65 отсто, што изнесува 975.000 евра. Таа, исто така има куќа во Ниевр од 160 метри квадратни од која поседува 75 проценти или 75 000 евра вредност.
Жан Ласала има стан, две куќи и слободен терен за градба во вкупна вредност од околу 700 000 евра, а Жак Шеминад од Солидарност и напредок поседува стан од 61,5 метри квадратни метри во Париз, во вредност од 420.700 евра и „колекција на праисториски и пред-Колумбо предмети“ во износ од 18.000 евра.
Натали Арто од Работничка борба има стан купен заедно со друхго лицем кој се проценува на 248.700 евра, а Филип Путу од Новата антикапиталистичка партија, кој е работник во фабрика на „Форд“ е најсиромашен меѓу претседателските кандидати со 20,000 на различни сметки и „Пежо 3008“ купено во 2012 година со вредност од 9.000 евра.