Демократската кандидатка за ноемвриските претседателски избори во САД, Хилари Клинтон, како државен секретар, во текот на посетата на Русија во хотелски апартман заборавила доверлив документ, објави во петокот телевизиската мрежа ABC News, повикувајќи се на објавените речиси 200 страници материјал во врска со истрагата на Федералното биро за истраги (FBI) за нарушувањето на прописите со користењето на приватната електронска пошта во времето кога таа беше шефица на американската дипломатија.
Во документот се наведувало дека „согласно презентираниот материјал, во текот на посетата на Русија додека Клинтон беше на позицијата шеф на Стејт департментот, еден од нејзините помошници ја донел во хотелскиот апартман торбата во која била папката на Клинтон со доверливи документи“.
Според сознанијата на телевизијата, „откако Клинтон и нејзиниот помошник го напуштиле апартманот, припадниците на дипломатското обезбедување го пронашле доверливиот документ“ .Според тврдењето на ABC News, папката воопшто не требала да биде донесена во апартманот.
На 189-те страници материјал кои ги објави FBI во случајот на користење на приватниот сервер и приватната електронска пошта за службената дипломатска преписка од страна на Клинтон во период од 2009 до 2013 година кога беше државна секретарка, претежно се содржани записници од интервјуа на иследниците со помошниците на сега претседателската кандидатка, службеници во Стејт департментот и други сведоци. Телевизијата забележува, дека тие се објавени откако се редактирани.
Се открива дека во 2011 година Клинтон си отворила второ незаштитено електронски сандаче на сервисот Gmail. Според Моника Хенли, помошничка на државната секретарка, поранешната шефица на дипломатијата тоа го сторила за време на посетата на Хрватска, бидејќи имала технички проблеми со нејзиното прво сандаче за електронска пошта.
Истрагата открила дека соработниците на Стејт департментот доста активно воделе преписка со шефицата за оперативни прашања, верувајќи дека тие не ѝ предавале никакви доверливи информации преку незаштитените електронски сервери.
На пример, советникот на Клинтон, Џејоб Саливен, во текот на истрагата изјавил дека еднаш на адресата на државната секретарка била испратена порака во којашто станувало збор за тајна операција на САД – напад со беспилотно летало. Учесниците во преписката тогаш сметале дека „испраќачот го користел овој канал за комуникација, бидејќи информацијата за нападот веќе претходно можела да дојде до медиумите“.