Според официјални податоци, објавени на порталот на кинеската Управата за безбедност на морето, објавени во Пекинг, Кина ќе ги испитува резервите на нафта и гас во спорните води на Јужното Кинеско Море на уште четири нови локации.
Кина ја превзема оваа акција само по два месеци од поставувањето на првите платформи за нафта во територија што за своја ја смета и Ханој, а овој чин предизвика крвави антикинески нереди во Виетнам и затегнатост во односите меѓу двете држави..
Според објавените координати за локациите на новите платформи, само една е во близина на кинескиот брег, но една е во морските води на кои право на сувереност полага и Тајван. Тајван повеќе од 20 години има прогласено сувереност над група корални острови и спрудови што се наоѓаат во морскиот простор меѓу Тајван и Кина.
Кинеската Управа за безбедност во морето не објавува во чија сопственост се бродовите и платформите што се упатени на локациите каде што ќе ги истражуваат резервите на нафта и гас, но се прецизира дека операцијата треба да започне најдоцна до 12 август годинава.