Шведскиот активист за човекови права, Петер Дахлин (35), кој беше во притвор во Кина под обвинение дека им наштетил на кинеските национални интереси, е ослободен од затвор и веднаш депортиран.
Дахлин беше уапсен на 4 јануари на аеродромот во Пекинг, непосредно пред да замине за Тајланд. Швеѓанецот беше уапсен во текот на обемната операција на кинеските власти против активистите за заштита на човековите права и адвокатите кои ги застапуваат.
Шведката амбасада во кинескиот главен град потврди дека Дахлин не е повеќе во Кина, но не даде други детали околу неговиот случај.
Министерството за надворешни работи во Стокхолм изрази задоволство о ослободувањето на шведскиот активист, но откри дека во затвор во Кина се уште се наоѓа еден друг Швеѓанец.
Во текот на операцијата против активистите за човекови права, кинеските безбедносни сили уапсија 280 адвокати, правни помошници и нивни соработници. Повеќето уапсени беа ослободени, но другите се соочуваат со судење, додека има некои од уапсените за кои ништо не се знае.
Дахлин во Кина ја формира групата Кинеска акција, која нејзините членови ја опишуваат како организација за пружање правна помош.
Минатата недела кинеските државни медиуми објавија дека Дахлин ја признал „вината“, прифаќајќи одговорност за групата што ја има создадено. Во „признанието“ Дахлин рекол дека формирајќи една таква група прекршил неколку кинески закони.
Групата Кинеска акција ги отфрли таквите пишувања, тврдејќи дека наводното признание на Петер Дахлин е „апсурдно“ и дека тоа било „изнудено“.