Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ја повика националната армија „да ги зајакне своите сили на секаков начин“ за да може да го „уништи непријателот“, во момент кога најновите сателитски снимки укажуваат засилени подготовки на Пјонгјанг за можно тестирање на својот нуклеарен потенцијал.
Ким Џонг-ун изјавата ја дал на фото-сесијата со војници, новинари од државните медиуми и други учесници на големата воена парада одржана во понеделникот во Пјонгјанг, по повод 90-годишнината од основањето на армијата.
На парадата беше претставена најголемата интерконтинентална балистичка ракета „Хвасонг-17“ и неодамна тестираната хиперсонична ракета.
Парадата ја покажа „модернизацијата, херојството и радикалниот развој на нашите вооружени сили и нивната неспоредлива војна и технолошка супериорност“, им порачал севернокорејскиот лидер на војниците за време на фотографирањето, пренесе државната новинска агенција КЦНА.
Северна Кореја тврди дека се спротивставува на воени активности и дека нејзиното оружје е исклучиво за самоодбрана, но на парадата Ким истакна дека мисијата на нејзините нуклеарни сили оди подалеку од одвраќање и вклучува одбрана на „фундаменталните интереси на нацијата“.
Минатиот месец Северна Кореја продолжи да ги тестира своите најголеми интерконтинентални балистички ракети, а има индиции дека наскоро би можела да тестира нуклеарно оружје, првпат од 2017 година.
Центарот за стратешки и меѓународни студии со седиште во САД во својот извештај посочува дека сегашните сателитски снимки покажуваат дека во тек се подготовки што не треба да се игнорираат како тривијални активности, како и дека седмото тестирање на нуклеарните потенцијали на Северна Кореја останува исклучиво лична одлука на Ким Џонг-ун.
Извор: МИА