Неидентификувани лица во центарот на Минск ја киднапирале Марија Колесникова, лидерка на белоруските протести, и ја однеле со комбе во непознат правец, соопштија локалните медиуми повикувајќи се на очевидци.
Британските медиуми јавуваат дека соработниците на Колесникова ги проверувале овие извештаи на медиумите.
Белоруската полиција исто така ја испитува веродостојноста на информацијата, а истовремено таа денеска соопшти дека 633 лица се уапсени за време на демонстрациите што вчера се одржаа во главниот град Минск поради контроверзниот реизбор на Александар Лукашенко за претседател.
„Вчера беа приведени вкупно 633 лица за кршење на законот за масовни собири“, се наведува во соопштението на белоруското Министерство за внатрешни работи, прецизирајќи дека дури 363 од нив се притворени.
Ова е досега најмасовното апсење демонстранти од првите протести по спорните претседателски избори на 9 август.
Вчера, четврти викенд по ред, во Минск протестираа повеќе од 100.000 лица, а во градот беа распоредени и голем број полицајци и војници.
Протести имаше и во неколку други белоруски градови, особено во Гродно и Брест, во западниот дел од земјата.