Австрискиот канцелар Кристијан Керн изјави дека од заседанието на Генералното собрание на ОН ќе се врати во Виена со уверување оти проблемот со миграцијата во Европа нема да биде решен ниту оваа есен, ниту следната година.
– Милиони луѓе се наоѓаат пред нашите порти и не смееме да ги оставиме сами земјите, како што е Либан со 1,5 милиони бегалци, истакна Керн во интервју за виенскиот весник „Стандард“.
Според него, треба да се разговара за обезбедување на границите, а испраќањето 250 припадници на Фронтекс во Бугарија претставува прв чекор кон тоа.
Керн смета дека, истовремено, се повеќе партнери во ЕУ, како на пример Унгарија, почнуваат самостојно да го решаваат проблемот, што е разбирливо, бидејќи таму владее нестрпливост поради недостиг на заедничко решение.
Австрискиот канцелар се залага за поконкретна акција, додавајќи дека негова цел е детален преглед на случувањата на одделни граници и потреба од поддршка.
Како втор чекор, нагласува Керн, треба да се разговара како да им се помогне на земјите, кои се посебно погодени, истакнувајќи дека станува збор за Грција, која моментно е во состојба самостојно да ја надмине состојбата, но е соочена со постојан зголемен притисок.
Тој потсети дека Австрија оваа година инвестира две милијарди евра за згрижување на бегалците, што е навистина голема сума.
Според мислењето на Керн, во решавање на проблемот треба да предводи Германија, каде постои подготвеност, а сигурно меѓу првите треба да бидат Италија и Франција.