Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека владата на САД е загрижена поради состојбата во Турција и апелираше турските власти да се воздржат од употреба на сила против демонстрантите.
Кери нагласи дека Вашингтон е засегнат поради прекумерната употреба на полициска сила и поради големиот број повредени во демонстрациите.
Тој повика да се проверат сите случаи и апелираше на почитување на правото на изразување и критика.
Претседателот на Турција Абдулах Гул исто така рече дека граѓаните имаат право на протести, додека според премиерот Реџеп Тајип Ердоган, демонстрантите се екстремисти со кои манипулира опозицијата.
Протестите во Турција започнаа минатата недела поради одлука на власта на централниот градски плоштад во Истанбул да се исечат 600 дрвја и да се изгради трговски центар и џамија.
Елена Георгиевска