САД со задоцнување се вклучија во напорите за прекинување на сириската граѓанска војна, изјави државниот секретар на САД, Џон Кери, пренесоа британските медиуми.
-Ова е многу сложен процес, кон кој ние доцна се приклучивме, изјави Кери на заедничка прес конференција со полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски.
Сега САД се обидуваат да не дозволат насилството врз верска основа да ја турне Сирија кон „потполна и тотална имплозија“, во која земјата ќе биде поделена на енклави и ќе бидат уништени институциите на државата, ќе има уште многу бегалци и ќе бидат убиени многу невини луѓе, рече Кери.
Руските испораки на Сирија на противвоздушните ракетни комплекси С-300 и непропорционалната употреба на воена сила од страна на Дамаск во внатрешниот конфликт можат да им се заканат на плановите за организирање на мировна конференција во Женева, рече државниот секретар на САД, пренесоа руските медиуми.
-Доколку Русија муги предаде на Дамаск ракетите С-300, тоа ќе го наруши балансот на силите меѓу Сирија и Израел, изјави Кери.