Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека веднаш треба да се определи датум за одржување на меѓународната конференција за Сирија, на која меѓународната заедница ќе побара мирно решавање на сириската криза. Своето мислење Кери го изрази по средбата во Лондон со специјалниот пратеник на ОН и Арапската лига Лахрад Брахими.
– Сметам дека треба што е можно побрзо да се определи датум за конференцијата „Женева 2“, за да работиме на прашањето за создавање на една нова Сирија. Сирискиот претседател Башар ал Асад ја загуби легитимноста, која треба да има главна улога во сплотувачката сила за сирискиот народ – истакна Кери. Тој, исто така, нагласи дека треба да се формира преодна влада во Сирија, која ќе дозволи да се постигне мир.
Брахими додаде дека оваа недела ќе се сретне со претставници на различни земји од Блискиот Исток, со кои ќе се обиде да договорат точен датум за меѓународната конференција. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, исто така, побара итно организирање на конференцијата за Сирија.
Шефот на руската дипломатија изрази надеж дека САД ќе ја убедат сириската опозиција да учествува на меѓународниот форум, откако лидерот на Сирискиот национален совет Џорџ Сабра вчера истакна дека Советот нема да учествува на планираната мировна конференција во Женева и оти ќе излезе од опозициската коалиција ако Национална коалиција учествува во преговорите.