Кандидати за еврокомесари во идниот состав на ЕК

Од:

Повеќе земји членки на ЕУ ги назначија или се подготвуваат да ги назначат своите кандидати за еврокомесари во идниот состав на Европската Комисија.

Европската Комисија е составена од онолку членови колку што има членки на ЕУ.

Секоја земја го именува својот кандидат кој треба да биде прифатен од претседателката Урсула фон дер Лајен, а потоа и одобрен од страна на Европскиот Парламент по темелно сослушување.

Со Урсула фон дер Лајен, Германија овој пат го добива претседателското столче во Европската Комисија.

За Австрија е номиниран досегашниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан. Бугарија се очекува исто така повторно да ја номинира досегашната еврокомесарка за дигитално општество, Марија Габриел.

Данската европска комесарка за конкурентност, Маргарет Вестагер, исто така треба да остане во идниот состав, но и да биде промовирана прва потпретседателка.

За Естонија е назначена Кадри Симсон, а Финска ја предложи својата поранешна министерка за финансии Јута Урпилаинен.

Од Унгарија се очекува во Брисел да биде испратен поранешниот министер за правда во владата на Виктор Орбан, Ласло Трошањи, кој изрази желба да го добие портфолиото проширување, но според повеќе извори на МИА во ЕК шансите се мали.

Ирска исто така би требало да го задржи истиот еврокомесар, Фил Хоган, засега задолжен за земјоделство, додека пак од Италија се очекува да биде номиниран Џанкарло Џорџети, близок до контроверзниот министер за внатрешни работи, Матео Салвини.

Летонецот Валдис Домбровскис би требало исто така да добие уште еден мандат.

За Луксембург се споменува поранешниот министер за труд, Николас Шмит, а холандската Влада го испраќа повторно сегашниот прв потпретседател на ЕК, Франс Тимерманс и кандидат за претседател на Социјалдемократите на последните европски избори.

Ново лице би требало да пристигне од Португалија, иако уште никој не е официјално назначен се споменува името на Педро Маркеш.

Чешка и Словачка исто така ќе ги номинираат истите кандидати – Вера Јурова, сегашна комесарка за правда, и Марош Шевчович, одговорен за енергетската унија.

Комесарите кои се номинирани за втор мандат не можат да го добијат истото портфолио како во минатиот мандат.

Одлуката за распределба на ресорите и припаѓа на претседателката, иако земјите членки можат да сугерираат и преговараат. Па, така се знае дека Франција, иако сѐ уште не назначила кандидат, е заинтересирана за буџет, Луксембург за социјални прашања, Словачка за регионална политика, Унгарија за проширување, Ирска за трговија, а Италија за конкурентност.

Фон дер Лајен исто така се заложи дека ќе има половина жени комесарки, и дека ќе ги отфрли предлозите на земјите членки доколку не се достигне стапката од 50 отсто.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он