Проширувањето на Европската унија нема да биде запрено, изјави премиерот на Велика Британија Дејвид Камерон за време на средбата со претседателот на Хрватска Иво Јосиповиќ во Лондон.
Камерон оцени дека влезот на Хрватска во Унијата на 1 јули е историски момент и големо достигнување.
– Убеден сум дека Хрватска ќе биде пример за другите земји од регионот, бидејќи проширувањето на Унијата нема да престане, потенцираше британскиот премиер.
Камерон рече дека од 1 јули се гради заедничка европска иднина и оти Велика Британија, заедно со Хрватска ќе работи на нужните реформи на ЕУ.
Хрватскиот весник „Јутарњи лист“ денеска објавува дека средбата се одвивала вчера, во момент кога Камерон вниманието го насочил кон убиството на британскиот војник на една лондонска улица, поради што и средбата била одложена за неколку часови.
Јосиповиќ, кој престојува во повеќедневна посета на Велика Британија, пред новинарите изјави дека Камерон бил многу отворен и наклонет кон Хрватска, како и дека за официјален Загреб е многу важно да за партнер има некој како што е Велика Британија, и покрај, како што рече, честите различни ставови за институционалниот и економски развој на Европа.
– Ние имаме свои обврски од пристапниот договор. Тие го вклучуваат и еврото, а од друга страна мораме да разбереме дека некои земји имаат поинакви позиции. Ќе биде потребен голем напор за да се најде формула која ќе овозможи натамошен развој на Европа, уважувајќи ги специфичностите на одредени држави, рече Јосиповиќ.
Тој истакна и дека верува дека тоа е задача која може да се исполни и оти верува во заедничката иднина, па и со различни ставови.